Министерството за образование и наука целосно го легитимира правото на протест на граѓаните, затоа што е уставно загарантирано. Но сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана. Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општеств, се наведува во денешното соопштение на министерството.
-Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот.
Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства.
Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години. Во меѓувреме, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои МОН како и досега со должно внимание ќе ги разгледува, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците.
Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Всушност, ова е првиот недискриминирачки Закон за учебници кој ќе биде донесен во државата.
Преку поставување на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, а воедно и со вклучување на граѓанскиот сектор во целиот процес се елиминира веројатноста за појава на несоодветни содржини и грешки од било каква природа. Во учебниците се воведуваат теми од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите како вредности кои мора да ги поседува секој европски и граѓанин на современо општество. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, пак, значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина.
Уште еднаш апелираме до сите кои сакаат да придонесат за унапредување на законското решение кое достапно на веб страната на МОН, можат да го сторат тоа преку повеќе канали за непосредна комуникација со Министерството за образование и наука кое продолжува да работи транспарентно, отворено и како и досега, сите промени да ги креира преку широка јавна дебата и инклузивен процес со учество првенствено на засегнатите страни и со бројни други општествени чинители.
Потсетуваме дека промените во врска со материјалите за учење се дел од поширок план за реформа на националниот образовен систем, содржан во програмата за работа на Владата и на Министерството за образование и наука, кој пак е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации како ОЕЦД и УНИЦЕФ.
Промените се и одговор на долгогодишните барања на наставниците и на многу генерации на ученици. Токму поради нивниот интерес и обезбедување поквалитетно образование, а со тоа и подобра иднина, да бидеме сплотени во заложбите и да им овозможиме развој и целосна реализација на личниот потенцијал во границите на сопствената земја, се вели во соопштението.