Момо Николоски за ,,Фокус”: Ја знам причината поради која сум болен!

by fokus

Веќе една седмица во јавноста се споделува апелот за помош за познатиот фолк пејач Момо Николоски (61), кому му е потребно лекување во странство.

Веста дека на пејачот кој со децении наназад е присутен на сцената и остави зад себе голем број на хитови, се бори тешка болест, ја изненади јавноста. Голем број од неговите колеги веднаш му ја понудија својата помош, односно ни изјавија дека во секој момент се подготвени да настапат на хуманитарен концерт, со цел да се соберат потребните средства за лекување.

Околу тоа од што боледува Николоски, ,,Фокус” минатата седмица разговараше со неговата сопруга и најголема поддршка во животот, Валбурга Батева Николоска. Таа ни изјави дека дијагнозата со која се соочиле воопшто не е лесна, и на Момо му претстоела тешка битка со канцерот на желудник.

И самото спомнување на зборот рак буди мачнина и тешко чувство. Околу тоа како дознал за болеста, како се соочил со вистината и како се справува со настанатата состојба, поразговаравме со Николоски. Иако не се чувствува најдобро и бргу се заморува, тој сепак одвои време и собра сили да им се обрати на своите поддржувачи. Раскажа за битката која што ја води, но и се заблагодари за моралната поддршка која ја добивал од сите страни.

-На 22-ри декември, значи пред месец и половина ми се смени целиот живот за еден миг. Тогаш ја дознав тешката дијагноза. Подолг период имав болки во стомакот, повраќање, но лекарите претпоставуваа дека се работи за чир. Редовно одев на контроли, секогаш сум бил доста внимателен кога е здравјето во прашање, ми се правеше гастроскопија во повеќе наврати. Не знам како ниту еден лекар не успеа да види за што станува збор и за жал, морам да констатирам дека се работи за лекарски пропуст, бидејќи на ниту една контрола претходно никој не забележал ништо. Да не одев на контроли, некако и ќе разберев, но вака… навистина е тешко. Но, на 22-ри, на лекарот нешто му беше сомнително, и по деталниот преглед ми беше соопштена тешката вистина. Веста за сите беше голем шок, одекна како бомба кај најблиските, но јасно ми беше дека следува период на борба и ја прифатив доста сталожено – раскажува музичарот.

Откако му била направена операција, по отворањето на абдоменот, се дошло до лош наод, карцином со абдоминални метастази. Лекарите предлагале хемотерапија и други методи, кои ги нуделе понапредни клиники во странство, за што биле потребни поголеми суми на пари.

-Јас верувам дека сето ова што сега ми се случува мене, а и на моето семејство, еден ден ќе биде надминато. Сме надминале многу проблеми, животот никогаш не не галел многу. Кога се враќам наназад, за себе можам да кажам дека секогаш сум бил доста одговорен во врска со здравјето, никогаш не сум консумирал алкохол, дури и не го поднесувам, а веќе неколку години не пушам. Но, она за кое што сметам дека во најголема мера допринело да се разболам е шеќерот. Јадев многу, навистина премногу благо, исто така внесував и многу млечни производи. Секако и стресот има голема улога, но според мене, дефинитивно слаткото е најголемата причина за мојата болест. Сега, кога сме веќе начисто со дијагнозата, одам напред со позитивни мисли. Освен со медицината, се борам и со алтернативни методи, бидејќи сметам дека природата дава лек за се. Но, тоа не е доволно, за да се излекувам целосно морам да заминам на лекување во странство, за што ми се потребни многу финансии – вели Николоски.

За неговото лекување биле потребни од 15.000 евра, па нагоре, во зависност од терапиите кои ќе ги примал и од времетраењето на лекувањето. Имал опции да се лекува на неколку клиники, и се надевал дека со помош на хуманите граѓани ќе се соберат потребните средства.

-Се објави мојата сметка за донации, а денес веќе и телефонот на кој може да се донира, бидејќи вистината е дека на сметка потешко се собираат пари. Се надевам дека ќе се собере потребната сума и ќе продолжам со лекување на некоја од клиниките каде се нудат разни опции, како ласерски пристапи или матични клетки. Во меѓувреме, ми преостанува да продолжам да бидам силен и смирен. Ја имам поддршката од целото семејство, ја имам и мојата Валбурга.Таа е мојата цврста карпа на која се потпирам, и која е постојано до мене. Заедно сме во првите борбени линии, брачните другари треба да се заедно во добро и во лошо, еве, дојде лошото и ние заедно се бориме – раскажува пејачот.

Разговорот го прекинува Валбурга, која вели дека е време за терапија. Таа била задолжена за целата нега околу него, за лекарствата, за оброците, за сите негови потреби периодов. Иако се замори од разговорот, сепак на крајот им порача на читателите и на сите негови поддржувачи дека ќе изнајде сили и ќе излезе како победник.

-Здравјето е најважното нешто во животот! Чувајте го! Јас не се откажувам. За мене, не постои нерешив проблем, се додека не се откажеме од нешто, има начин и решение. Само оние нешта од кои се откажуваме се изгубени, а јас го сакам животот и продолжувам со борбата – порача Николоски.

Граѓаните кои се во можност, можат да донираат на сметката 300 007032927321 Комерцијална банка, на име Момир Николоски, или на телефонскиот број за донации на ВИП 143 462.

Вики Клинчарова

Поврзани новости