Коста Кецмановиќ, момчето (14), кое уби девет врсници и училишен чувар во Белград, денеска беше детално сослушан во постапката против неговиот татко, кој е осомничен дека нелегално чувал оружје и дека го обучувал синот да пука. Како што дознава српски Блиц, момчето ја потврдило претходната верзија на неговиот татко.
Момчето рече дека првиот пристап до оружјето не му го обезбедил татко му, туку некој друг, што би значело дека во таа насока ќе оди и еден дел од истрагата.
Момчето убиец тврди дека неговиот татко имал дополнителни мерки за обезбедување оружје, кои не се задолжителни. Неговиот татко имал шифри на чкрапалото на пиштолот. Момчето детално објаснило како дошло до оружјето кое било во сефот и под шифри. Рече дека долго се мачел да ги пробие шифрите и дека долго барал како да го добие оружјето.
Коста бил испрашуван речиси 4 часа, преку видео врска помеѓу психијатриската установа во која се наоѓа и Вишото јавно обвинителство во Белград.
На рочиштето во Палатата на правдата, каде што е Вишото јавно обвинителство, присуствуваа и родителите на убиените деца во ОУ „Владислав Рибникар“, кои испрашувањето го следеа преку монитор.