Трагедијата во Пинтија ја стресе денеска јавноста откако домашно куче од расата англиски мастиф искасало до смрт 8 годишно момче. Момчето без знаци на живот било донесено во старата градска болница, но лекарите не успеале да го вратат во живот. Според неофицијални информации, нападот се случил во боксот каде биле сместени кучињата. Сопствениците не биле дома и куќата била празна, а се претпоставува дека момчето ја прескокнало оградата и влегло во дворот каде кучето го нападнало.
Кучето му ја повредило главната артерија во вратот, поради што момчето искрварило до смрт. Било предоцна кога сопственикот се вратил дома и ја затекнал крвавата сцена. Ја повикал мајката на момчето и го однеле во болница. Од Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ изјавија дека момчето било без знаци на живот, со проширени зеници и без срцева акција.
Сопствениците имаат неколку кучиња од оваа раса. Она што е познато е дека со родителите на детето биле во пријателски односи. Момчето практично израснало со овие кучиња и постојано си играло со нив, па останува нејасно што го предизвикал нападот.
12-годишната кучка е заловена од шинтерската служба и ќе се проверува дали има беснило. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека ќе се спроведе и тест за социјализација.
Јавноста е потресена и бара одговорност. Дворот во кој биле чувани кучињата бил соодветно заграден, а на влезот имало предупредувачки знак „пази куче“. Експертите велат дека ниедно куче не се раѓа агресивно, туку се здобива со такво однесување според тоа како е третирано и одгледувано.
фото: ТВ24