Момчето од Неготино со живот како на филм: Од среќа на лотарија, до кариера во Америка!

by fokus

Ако во животот ништо не ти оди така како што посакуваш, не чекај нештата да се сменат сами од себе, туку самиот ризикувај и тргни кон промени – е едно од непишаните правила кое често се спомнува, но ретко кој има храброст да го примени.

Александар Петров – Вукац, момче од Неготино, кое повеќе од десет години се обидуваше да си го исполни сонот и професионално да се занимава со рап музика во родната земја, е доказ дека соништата се остваруваат доколку имаш среќа, но и ако самиот се потрудиш и ја оставиш зоната на комфорот, во потрага по животот кој сакаш да го живееш.

Имено, по само четири години откако со сопругата се пресели во Америка, тој успеа да се врати на рап сцената, и тоа во САД, објавувајќи ја песната „I Step On The Gas“, која е во соработка со раперот SamGotDI, и веќе е промовирана на десетици популарни музички платформи.

За ,,Фокус” вели дека за неговиот живот може да се сними филм, во кој пораката ќе биде секогаш да се има верба во себе.

Александар, односно Вукац МЦ, не крие дека животот во Македонија не му беше лесен. Долго траеа неговите обиди да стане препознатливо име на сцената, но како што обично се случува кај нас, за да се успее, потребно е некој да стои зад тебе, моќни спонзори, големи компании, или пак, како што се вели, вујко – владика.

-Уште во 2008 година, кога ја промовирав мојата прва песна во Македонија, бев решен да станам име во рап музиката. Верував дека ќе можам професионално да се занимавам само со музика, да заработувам и живеам од рапот… Но, нештата не одеа така како јас, тогаш уште тинејџер, се надевав. Финансиите се она кое се испостави дека е пресудно за да се стане препознатливо име на нашата сцена, потребни се средства за снимање, промовирање, потребен е искусен менаџерски тим. Јас, сам, колку и да сакав, едноставно не можев да го остварам она кое беше мојот сон – вели тој.

Кога ја запознал Даниела, девојка од Кратово која уште не првата средба му го освоила срцето, и со која се венчаа во 2016 година, тој веќе на некој начин се помирил дека е крај на неговата музичка кариера. Раскажува дека морал да мисли на семејството, да заработува, па затоа со сопругата се вработиле во странска фабрика, лоцирана во Кавадарци.


-Желбата да се докажам во музиката тлееше во мене секогаш, но реалноста во која живеев беше друга приказна. Целиот живот ни се смени кога Даниела аплицираше на Лотаријата за зелена карта за САД. Имавме среќа таа да биде избрана во програмата, ги спакувавме куферите и тргнавме во неизвесност, со верба дека убави нешта чекаат на нас. И така и се случи.

Се вработив како шофер, но тргна и мојата потрага по професионален тим кој ќе ме поддржи во музиката. Чекор по чекор, стигнав до финалето на познатото музичко шоу Ливит, зад мене застана менаџерски тим, и сега, како круна на целиот труд и упорноста, пред три дена ја промовирав мојата прва песна во Америка, „I Step On The Gas“.
Критиките се позитивни, ми се отвори патот кон успехот. Затоа, на сите кои можеби имаат тежок период во животот и кренале раце од остварувањето на своите соништа, би им кажал, никогаш не се предавајте! Одморете малку, соберете сили, и повторно обидете се!- раскажува Александар.

Потсетува дека додека во Македонија се занимаваше со рап музика, сними десеттина песни, и драго му е што оние кои го слушале тогаш, сега му се радуваат на враќањето во музиката.
Околу тоа дали можеби планира враќање во Македонија, категоричен е дека нема такво нешто.

-Да, во Македонија, но единствено на одмор, да се видиме со блиските, со пријателите. За враќање назад, да живееме во Македонија, не планираме – изјави музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости