Момчето од Кочани не било каснато од гуштер, туку од стршлен, таткото ќе ја бара правдата на суд!

by Fokus

Момчето од Кочани на возраст од седум ипол години, за кое пред три дена таткото тврдеше дека било каснато од гуштер на петата, додека спиело, а кога во паника заминале во Итната медицинска помош во Кочани, од таму биле препраќани кај матичниот лекар, наместо веднаш да му се пружи помош, всушност било каснато од стршлен.

Ова за ,,Фокус” го потврди таткото на момчето, Мухамед Мемедов, а истиот податок е наведен и во специјалистичкиот извештај кој родителите го добиле од ЈЗУ Клиничка болница Штип.

-На Итна медицинска помош се доаѓа кога треба да се пружи итна помош, а не да не препраќаат кај матичен, обвини таткото Мухамед Мемедов неколку часа по настанот, пред три дена, пред камерите на Радио Кочани, посочувајќи ја докторката Дивна Давиткова како виновник дека наместо детето да биде веднаш прегледано, ги праќала кај матичен лекар.

Кажа дека потоа бил препратен на инфектолог, од каде му барале упат, а на крај работата стигнала и до директорот на болницата, кој испратил медицинска сестра да земе упат за побргу да се изврши прегледот.

Порача дека ќе го пријави случајот во полиција, а набргу по неговите обвинувања следуваше и демант од докторката Давиткова, во кој таа појаснува дека не била присутна за време на прегледот.

-На ден 06.06.2022г. околу 10:30 часот на ИМП дојде родител со дете за преглед, при што му беше кажано дека прегледот треба да биде извршен кај матичен лекар. На што тој одговори дека детето било каснато од гуштер.
Детето беше уредно прегледано од страна на колешка докторка, и беше даден совет од нејзина страна. Јас сум спомената во изјавата на родителот иако не бев присутна во текот на прегледот. Таткото изнесе низа на лаги со цел да го оцрни угледот на персоналот на ИМП-тврди докторката.

Околу тоа што се случува сега со момчето, во телефонски разговор за ,,Фокус” таткото го раскажува целиот настан, за кој вели дека правдата ќе ја бара на суд.

-Дома обелувавме, па синот спиеше на душек. Одеднаш започна да вика дека го каснало нешто, имаше болки во петата, се гледаше дека има убод и оток. Јас го кренав душекот, започнав да барам што го каснало и тогаш од под душекот падна нешто за кое мислев дека е некој вид на шкрапла, ни самиот точно не знаев за што вид на инсект или животно станува збор.

Во паника во Итната помош викав дека е гуштер, но потоа, според извештајот од специјалистот во Штип, увидовме дека станува збор за стршлен.

Детето сега е добро, поминавме два дена со висока температура, болен оток, прима терапија, ставаме облоги според лекарските препораки.

Но, она кое посебно ме револтираше беше односот на лекарката Давиткова, која на сестрата и кажа дека треба да одиме на преглед кај матичен лекар, иако повторував дека е итен случај.

Од 9.30 часот кога дојдовме во Итната медицинска помош во Кочани, таму останавме до 11.00 часот, токму поради тие недоразбирања. На крај, мораше да се вмеша и полицијата, лекарката Станковиќ од хирургија ме пријави во полиција за нарушување на јавниот ред и мир, бидејќи реагирав како може да се бара упат или да се очекува од нас да одиме кај матичен лекар, кога се работи за итен случај.

И јас поднесов пријава во полиција, а ангажирав и адвокат против докторката Давиткова, за непружање на лекарска помош, односно за несоодветно лекување – вели Мемедов.

Од Кочани заминале во Штип, на инфектолог, каде било утврдено дека станува збор за каснување од стршлен, по што детето добило терапија.

Таткото вели дека е револтиран од односот на лекарката во Кочани, која дури и се огласи со демант, бидејќи иако таа не била присутна за време на прегледот, тој бил сведок кога не сакала да го прегледа детето, и ги праќала кај матичен лекар.

-Ова не е прв ваков случај. На Итна помош не се доаѓа туку – така, се знае дека се работи за итен случај и секој пациент треба да биде прегледан. Правдата ќе ја барам на суд, алармирани се сите надлежни институции. Сега син ми е добро, но мора да се знае дека пациентите секогаш се на прво место и не може постојано да се препраќаат од едно на друго место, посебно кога станува збор за итни ситуации – ни изјави Мемедов.

Фотографијата е објавена со дозвола од родителите

Вики Клинчарова

Поврзани новости