Момче заврши со повреди од Супермен предизвикот и се плаши да се врати во училиште: Кукавица си ако не учествуваш!

by Fokus

Ученик во шесто одделение во едно скопско основно училиште, на возраст од десет години, во вторникот завршил со фрактура на едната и набиеници на другата рака, откако негови соученици го фрлиле во воздух, односно ,,играле” Супермен предизвик.

Станува збор за Тик Ток предизвик, кога повеќе деца фрлаат во воздух дете, кое има за задача да застане на нозе откако ќе биде фрлено во воздух. Како што раскажува мајката на повредениот ученик за ,,Фокус” (нејзиниот идентитет е познат на нашата редакција), син и не сакал да учествува во предизвикот, кој веќе извесно време редовно се практикувал во неговото училиште.

Вели дека освен што бил најмлад во одделението, бил и со најмал раст, па исплашен од притисокот од останатите соученици, кои започнале да скандираат, за да го натераат да дозволи да биде фрлен во воздух, на крај ја прифатил играта, која завршила со фрактура и набиеници.

-Ова се случувало подолго време, и сите деца од одделението учествувале. За среќа, успевале да застанат на нозе и да поминат без повреди. Но, син ми паднал незгодно и заврши во болница. По настанот ми кажа дека за време на одморот се бркале и паднал, и јас не се посомневав во таа приказна. Но, во четвртокот брат ми ми испрати видео со предизвикот и ме праша дали случајно син ми се повредил како последица на предизвикот.

Веднаш го прашав детето, кое по долг разговор ми призна што се случило.

Имено, за време на одморот, помеѓу два часа, во училница играле Супермен. Откако одбил да учествува, учениците започнале да го притискаат, да му викаат дека е кукавица, започнале да го скандираат неговото име, и на крај се вклучил во играта која заврши со повреди. Како што ми кажа, откако го фрлиле, тој наместо на нозе, паднал на раце. Три дена се плашел да ми каже што се случило! Се плаши од реакцијата на соучениците, дека ќе му се налутат, дека ќе го избегнуваат, осудуваат!

Веднаш напишав во групата на родители што се случува во училиштето, дека тоа се прави за време на одмор внатре, во училниците. И по настанот со син ми играта не престанала, учениците не ја сфатиле сериозноста, вели мајката.

Додава дека е разочарана од незаинтересираноста на родителите, но и на класната наставничка, која и кажала дека има информации како децата играат Супермен, но тоа наводно го правеле надвор од училиштето.

-Ниту класната наставничка, ниту пак родителите чии деца биле вклучени во настанот каде син ми се повреди не ми се јавија! Добив повик од само една мајка, која ми даде поддршка и толку. Се затвораат очи пред сериозноста на ситуацијата, а имам информации дека и други деца се повредиле, но за среќа не скршиле коска, туку само добиле набиеници. Барав итна родителска средба, ама и со тоа не ме удостоија!
Успеав да закажам средба со директорката на училиштето, ќе разговараме во вторник, така договоривме. Сакам да порачам дека ова не е игра и мора да се разговара со децата, да се превенираат немили настани во иднина! Неверојтано е како се изгубила емпатијата и како не се реагира кога некому ќе му се случи нешто, кое всушност може да се случи секому, раскажува мајката.

Додава дека син и е исплашен и не сака да се врати во училиште, откако се дознало што всушност се случувало во училиштето. Вели дека ќе разговара и со училишниот психолог, со цел да се реши целиот настан.

-Намерно не го откривам јавно името на училиштето, ниту пак имиња на наставници. Но, не може ваков настан да се игнорира и да се премолчи, затоа и инсистирав на родителска средба, а еве сега и иницирав средба со директорката на училиштето. Да не се туркаат вакви работи под тепих и да се разговара, за да се изнајде решение, да не се повтори случајот никому! Незаинтересираноста и немањето емпатија воопшто не се од помош, бидејќи денес едно, утре друго дете може да биде повредено. Ние, возрасните сме тие кои треба да ги усмериме нашите деца кон вистинскиот пат, порача мајката.

Инаку, поради Супермен предизвикот над десет деца во земјава завршиле во болница изминативе денови, две од нив со скршеници, а останатите со набиеници. Како што соопштија од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, бројот на повредени деца можеби е и значително поголем. Помеѓу повредените имало и момчиња и девојчиња, и биле на возраст од десет до 16 години. Од клиниката апелираа децата да престанат со предизвикот, бидејќи доколку се падне на глава, може да се добијат тешки и сериозни повреди.

Вики Клинчарова

Поврзани новости