Молотови коктели врз објектот на градското собрание во Тирана фрлаа учесниците на протестот организиран од опозициските демократи – приврзаници на Сали Бериша.
Поради сериозноста на состојбата зголемено е присуството на полициските трупи, кои на учесниците во протестот не им дозволија насилно да влезат во објектот, а во гаснењето на пожарот учествуваше противпожарна единица.
Ова е четврти протест на „Иницијативата за обнова на ДП“, поддржан и од Партијата на слободата на Илир Мета, како и Алијансата за заштита на театарот, на кои се бара оставка на градоначалникот – Ерион Велиај.
Барањето за негова оставка се бара по откривањето на скандалот за злоупотреба на државни средства, за што, по налог на Специјалното обвинтелство против организиран криминал и корупција, СПАК, се уапсени десеттина високи раководители во општината, блиски соработници на Велиај.
– Правдата ќе биде задоволена, бидејќи граѓаните се на нозе! Никогаш нема да отстапиме од нашата борба – порачаа на протестот.