Ја погребавме Танкица, дојде многу народ на погребот, имаше и доста нејзини колеги од конфекцијата во која работеше. Сите молчат, не знае човек што да каже во една ваква ситуација. И две недели по нејзината смрт, молк. Жена во својата 46-та година, мајка, вредна работничка, убиена на страшен и свиреп начин падна во заборав – за „Фокус“ раскажува блиска личност на Танкица Младеновска од Кочани, која на 25-ти септември беше убиена со 42 убоди од нож од страна на Усеин Рашидов (59).
Убиството се случи во утринските часови, кога жената како и секое утро се подготвила да тргне на работа во конфекцијата, излегла од домот и била пречекана од Усеин.
Убиецот од дома зел кујнски нож, знаел дека таа ќе оди на работа, ја пречекал и и задал убоди во стомакот, вратот, рацете и градите. Морничави фотографии од Танкица, како безживотно лежи пред куќниот праг беа објавени во неколку локални медиуми и ја потресоа јавноста.
Таа го познавала убиецот бидејќи во минатото, пред околу седум години, одреден период работела во иста конфекција со него. Имала кратка релација со него, за која нашиот извор вели дека воопшто и не била љубовна врска, и потоа започнал нејзиниот пекол.
Станала негова жртва, бидејќи започнал да ја уценува и да бара пари од неа, заканувајќи и се дека имал нејзини компромитирачки фотографии, кои ќе ги покажел во јавност доколку не го финансирала.
Кога веќе ситуацијата станала неподнослива, Танкица собрала храброст и го пријавила Усеин во полиција за континуирана уцена и изнуда на пари. И покрај пријавата, очигледно дека не ја добила потребната заштита, и настанот заврши со трагичен епилог.
Токму поради тоа, нејзината блиска личност вели дека се дозволило Танкица да падне во заборав, и денес, две недели по убиството, веќе и не се спомнува нејзиното име во медиумите.
-Ни остана да не тишти прашањето дали таа сега ќе беше жива, дали ќе се спасеше доколку кога се охрабри и го пријави во полиција, тој веднаш беше ставен зад решетки? Ни остана и прашањето зошто никој не ја сфати сериозно, зошто Усеин беше повикан на разговор, а потоа пуштен слободно да си оди? Можевме ли да ја спасиме, дали институциите потфрлија и дали тие лица со име и презиме, кај кои таа побара помош, ќе сносат одговорност?-прашува нашиот соговорник.
Потесетува дека за слични случаи во развиени земји, фотографијата на жртвата не се симнува од ударни вести со недели, секој детал се испитува и транспарентно се соопштува на јавноста, се преиспитува евентуална одговорност на сите вклучени во настанот.
-Ништо не знаеме, дали некој друг освен Усеин ќе сноси одговорност за одземениот живот на Танкица, на еден таков ѕверски начин. Не знаеме веќе ниту каде да се обратиме ако имаме сличен проблем, ако ни е потребна заштита, како во нејзиниот случај. Оти еве, видовме дека таа откако го пријави, плати со животот, наместо тој да се најде зад решетки.
Па дури и откако го пријави, тој уште повеќе се разгневи, и на крај покажа дека со него нема игра, ја уби безмилосно. Ќе беше ли уште жива ако не го пријавеше, ако продолжеше да живее во агонија и да го финансира?- прашува нашиот извор.
За настанот реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови слободи и права. Бараа итно да се почне со испитување на одговорноста на службените лица во врска со убиството, кои знаеле дека Танкица била под континуирано насилство на убиецот.
-Непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната, или отсуство на имплементација на законите, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените кој најчесто се извршува од страна на маж. Жртвата е секогаш жена.
Анализата на Националната мрежа покажа дека во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија се регистрирани вкупно 22 фемициди. Кај повеќето анализирани случаи убиството е извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80% од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата.
Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно се пријавени само 2% од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот – истакнаа од Хелсиншки комитет.
Според последните информации, на Усеин му е одреден притвор во траење од 30 дена. По приведувањето тој се однесувал како ништо да не се случило и не одговарал на прашањата од истражните органи.
„Фокус“ стапи во контакт и со една од ќерките на убиената Танкица, но таа се заблагодари за поканата за интервју и порача дека не сака да разговара во врска со случајот.
Вики Клинчарова