Владејачката Беса одлучи да се приклучи на иницијативата на опозицијата за ново парламентарно мнозинство откако Државната изборна комисија прифати приговор на ДУИ за прегласување во тетовската општина Желино.
Како што е познато, на локалните избори кандидатот за градоначалник на Беса со тесна разлика го победи противникот од ДУИ, па помалата партија во власта му замери на поголемиот партнер дека сака да им ја украде победата преку злоупотреба на институциите.
Но, Управниот суд вчера ја прифати жалбата на Беса против одлуката на ДИК, што значи дека се потврдува изборот на нивниот кандидат за градоначалник на Желино.
Затоа, сега се поставува прашањето дали Беса се уште опстојува на ставот да се изгласа недоверба на оваа влада од која дел се и самите, со цел ДУИ да замине во опозиција?
Ниту партискиот лидер и тетовски градоначалник Биљал Касами, ниту генералниот секретар и министер за земјоделство Аријанит Хоџа, не одговараат дали нивните пратеници ќе гласаат за недоверба на владата во четврток, откако судски го сочуваа Желино.
Се обративме и до еден од четворицата пратеници на Беса, Бастри Бајрами, кој, исто така, не одговори на ова прашање, но кусо изјави дека ги почитува органите на партијата и неговите колеги.
Инаку, ситуацијата се искомплицира откако пратеникот на опозициската Алтернатива Скендер Реџепи-Зејд го повлече потписот поради Левица, со што практично новопромовираното мнозинство го нема клучниот 61 пратеник.
Како ќе се постави Алтернатива ќе зависи од дискусиите во партиското раководство во текот на денешниот и утрешниот ден, додека во Беса владее целосен молк после новиот развој на настаните.
В.С.