Судиите, за жал, по толку време на молк единствената тема за која најдоа храброст, доблест и време да зборуваат им се платите!? Како да не разбираат дека законодавната и извршната власт на овој начин сакаат да им кажат „кој е газда во куќи“.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Види, за изненадување, судиите проговорија. Најнакрај се откажаа од својот високо морален, професионален и ,,лојален“ кон државата и граѓаните завет на молчење!
Ама, според она за што проговорија, подобро ќе беше да продолжеа да молчат за навек.
Отворија уста, покажаа дека не се глувонеми, проговорија и згрешија! Наместо со сета жештина на зборуваат за причините, последиците и сторителите на нивниот, подолу од дното, урнисан углед во државата и општеството – тие проговорија за своите плати!?
ИНСТИТУЦИОНАЛНО ПОДЗЕМЈЕ
Не дека немаат право (или не се во право) да зборуваат за своите плати од кои поголемиот дел од нив ја обезбедува својата животна егзистенција, туку заради тоа што на овој начин покажаа голема себичност и непрофесионалност.
Подобро ќе беше да зборуваат за системските и професионалните проблеми кои им ги создаваат законодавната и извршната власт, за криминалот и корупцијата во сопствените редови, за партизацијата на кадровската политика во правосудството и за милион други проблеми со кои реално се соочуваат.
Но, за жал, по толку време на молк единствената тема за која најдоа храброст, доблест и време да зборуваат им се платите!? Како да не разбираат дека законодавната и извршната власт на овој начин сакаат да им кажат ,,кој е газда во куќи“.
Згора на тоа на дел од нив платите им се за ситни пари, „џепарлак“, во однос на ,,чесно“ заработените пари од трговијата со влијание, криминалот и корупцијата.
„Со овие судии и обвинители нема и не може да има владеење на правото и правната држава“ е констатација која често може да се слушне од „обичните“ граѓани!
Не сум правник и не можам и не сакам да навлегувам во било какво коментирање на законите и правниот поредок.
Но, како социолог и политиколог, наполно сум сигурен дека актуелната состојба во „правниот поредок“ мерена низ степенот на владеење на правото, криминалот и корупцијата, непотизмот и семејно-персоналната ,,приватизираност“ на судството и обвинителството има трајно негативни последици врз индивидуалниот (граѓанскиот), колективниот, економскиот, психолошкиот, политичкиот, безбедносниот и уште кој ли не аспект од животот на граѓаните.
НЕЗАВИСНОСТ ИЛИ ВАЗАЛСТВО
Впрочем, како и што покажуваат сите релевантни истражувања, владеењето и дивеењето на институционалниот криминал и корупција, олицетворени во однесувањето на судиите и обвинителите, се една од трите основни причини заради кои граѓаните ја напуштаат државата.
За немање на „независно“ судство и обвинителство најчесто и без доволно аргументи се обвинува исклучиво извршната власт. Тоа не е точно! За отсуство на ,,независност“ најголема одговорност носат самите судии и обвинители кои, уште од начинот на процесот на својот избор, вазалски и зависно се однесуваат кон носителите на извршната власт или, уште поточно, кон политичките партии и нивните „лидери“.
Тоа доброволно вазалство, надополнето со нивната алчност за власт и пари, само по себе им го одзема правото на независност, достоинственост и професионалност. Ги прави бедни слуги како на извршната власт, така и на својата алчност за власт и пари. Дно под дното. Институционално подземје!