Молдавија соопшти дека ќе протера 45 руски дипломати и друг персонал во амбасадата поради нивните „непријателски дејствија“.
Според објавата на Би-Би-Си вкупниот број на персонал во руската амбасада во Кишињев ќе се намали на само 25, бројка поблиска до бројот што го има Молдавија во нејзината амбасада во Москва.
Од целосната инвазија на Русија на Украина во февруари лани, молдавската влада ја обвини Москва за шпионирање и поддршка на опозициските групи.
Русија го осуди протерувањето и рече дека тоа „нема да остане без одговор“.
Министерството за надворешни работи на Молдавија завчера изрази загриженост во врска со медиумскиот извештај за новата опрема за надзор инсталирана на покривот на руската амбасада и соседната зграда што ја користи Русија. Извештајот дојде од рускиот истражувачки медиумски сајт „Инсајдер“ и молдавскиот ТВ канал „Журнал“.
Објавувајќи го протерувањето вчера, Министерството рече дека тоа е поттикнато од „тековните тензии и непријателски акции“ и дека Русите ќе мора да заминат до 15 август.
„Многу години бевме предмет на непријателски руски акции и политики. Многу од нив беа направени преку амбасадата“, рече молдавскиот министер за надворешни работи Нику Попеску.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, се закани дека „непријателскиот чекор на Молдавија нема да остане без одговор“. Таа рече дека тоа ќе значи ограничувања на конзуларните служби и на контактите на Молдавците со Русија, иако таа не најави конкретни мерки.
Со население од само 2,6 милиони, Молдавија е една од најсиромашните европски економии и е силно изложена на војната во соседна Украина.
Таа се соочи со голема енергетска криза бидејќи нејзината енергетска инфраструктура датира од советската ера. Не само што Русија го ограничи снабдувањето со гас, туку и нејзините напади врз електричната мрежа на Украина, исто така, предизвикаа спорадични прекини на струја во Молдавија. Инвазијата, исто така, предизвика прилив на украински бегалци, што ги оптоварува јавните служби на Молдавија.
Русија ги поддржува сепаратистите кои ја контролираат отцепената територија во Молдавија – Придњестровје – во замрзнатиот конфликт што се затегнува од 1990-тите.