Молчењето не е злато

by Fokus

Пишува: Катерина БАТАКЛИЕВА

Ако планирате да патувате за Шпанија на подолг период и ви треба long term visa која се вади во Шпанска Амбасада во Скопје – сменете ја дестинацијата! Верувајте ми, вашиот нервен систем ќе ви биде благодарен!

Конзуларните прашања таму ги работи локален персонал – наши Македонци, кои се многу нељубезни, неуслужливи и груби кон другите Македонци кои од било која причина тропнуваат на нивниот шалтер!

Кога нешто ги прашувате, ви одбрусуваат надмено, ако нешто не ви е јасно па ги препрашате, им го губите времето, ако имаат избор да ви помогнат или не, ќе одберат опција НЕ! Ни одзедоа многу нерви, време и пари непотребно.

Јас разбирам Грците да се груби со нас кога на граница ги молиме да им оставаме пари – на совест им се Егејците. Разбирам Бугарите да се груби – им се повампири Фашизмот после 60 години длабок сон. Па и за Шпанците ќе разберам – големите секогаш не ги есапеле малите!

Ама сами себе да не се почитуваме – многу ми е тешко да прифатам!

Една рака народ сме. Од сите страни Ѓорѓи сардисан. Државата ни стои на стаклени нозе. На кој како ќе му се сони од големите одлучува утре дали ќе не’ биде или не. А ние, место да се крепиме, да се чуваме, да си помагаме едни на други, да си ги олеснуваме животите како соборци на фронт, што правиме? Се правиме кој од кој поважен. Чекај јас да ти кажам кој сум! Си ставаме сопки, си го туркаме сандакот, си наштетуваме секогаш кога имаме прилика! Најљубезниот народ на Балканот – мхм, секако – пред други. Пред странци. Едни со други, крш!

Моето искуство со Шпанска Амбасада не е издвоено. Не е дека на црвенокосата на шалтер баш тој ден не и’ бил добар. На нашиот пат во потрага по решение, многумина ни рекоа, Да, познати се по нељубезност!

И не е дека е тоа само кај нив случај. Тажна сум и разочарана што во сите институции е така. Секаде каде што работат луѓе кои ете со тоа работно место добиле прилика да манифестираат некаква моќ, ја злоупотребуваат хранејќи си некоја фрустрација.

Не го пишувам ова затоа што имам вишок слободно време па блеам на ФБ, го немам! Ниту е ова политички статус.Пишувам затоа што верувам дека некој ќе се препознае во црвенокосата и со следниот свој клиент ќе биде пољубезен. Затоа што мора да реагираме, секој на свој начин, за да се променат работите. За да си го градиме заедно нашето сирото национално достоинство.

Го пишувам ова за да не молчам!
Затоа што молчењето не е злато!

Поврзани новости