Наумче Мојсоски – директорот на Агенцијата за млади и спорт целосно ги отфрли обвинувањата за злоупотреба на ваучер системот, за кои вчера Обвинителство информираше дека е поднесен обвинителен предлог против 12 лица, меѓу кои е и тој. Се огласи на социјалните мрежи, наведувајќи дека ги смета за тенденциозни „мистериозно” протечените информации во јавноста“.
„Очигледен е и тајмингот и намерата. Очекувам транспарентна постапка во која моите тврдења целосно ќе се потврдат, а ќе докажат дека токму оваа хајка во јавноста против мене е само алатка за заплашување пред вториот круг претседателски и парламентарни избори. Моето име е изградено од вредна работа и огромен придонес за македонскиот спорт. Како спортист роден во мал град, Струга, отсекогаш сум работел чесно и вредно сѐ со цел унапредување и зајакнување на домашниот спорт. Со гордост сум ги бранел боите на Македонија и со гордост работам на поддршка на сите македонски спортисти. Македонија е демократска држава и како таква функционира во изминатите седум години, кога заплашувањата, уцените и јавните лични линчувања се минато“ – напиша Мојсоски на Фејсбук.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет – Даниел Димевски, кој е опфатен во обвинителниот предлог, како поранешен член на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт за распределба на т.н. спортиски ваучери вели дека со големо задоволство ќе соработува со судот каде мора, како што додава, да се дојде до вистинските заклучоци и да не се остава простор за понатамошни шпекулации и инсинуации.
„Информиран сум дека од страна на обвинителката Лидија Раичевиќ е поднесен обвинителен предлог против мене за наводно несовесно вршење на службата во својство на член на Централната комисија за ваучери во 2020 година. За мене очекуван чин кој е круна на напорите на гореспоменатата обвинителка која истовремено отвори истрага и за одржаното Изборно Собрание на МОК како што и пројави посебен интерес за неколку останати спортови со посебен афинитет кон пливањето. Со големо задоволство ќе соработувам со судот каде мора да дојдеме до вистинските заклучоци и при тоа да не оставиме простор за понатамошни шпекулации и инсинуации. На крај, моето совесно или несовесно работење е константно на увид и оценка на спортските федерации, клубови и спортисти кои најдобро знаат колку мерката ваучер и јас лично сум им помогнал во секоја прилика без исклучок. Затоа веројатно и ја уживам нивната безрезервна поддршка сето ова време“ – пишува Димевски.
Како неосновани и тенденциозни наводите на Обвинителството ги отфрли и актуелниот пратеник од СДСМ и поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски, кој, исто така, е едно од лицата против кои е поднесен обвинителниот предлог.