Али Ахмети ми е чичко, но тој нема ништо со мојот бизнис. Нула, тврдеше денеска на прес-конференција неговиот дваесет и петгодишен внук, Дрин Ахмети кој е сопственик на „Тор индустрис“, компанија која заедно со албански бизнисмен го купуваат деловниот центар „Соравиа“.
– Али Ахмети ми е чичко и Бог да го благослови. Тој ми е мотивација. Ахмети и помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски кој ќе ја поделеше државата. Али Ахмети не го потпиша тоа и вие не го цените доволно. Горд сум што го имам за чичко, но тој нема ништо со мојот бизнис. Нула. Ова што го прават медиумите сега, прави штета на мојата мрежа на соработници, рече Ахмети.
Внукот на Ахмети инаку се школувал во САД, па неговите соработници од таму го прашувале и се чуделе што му се случувало со македонските медиуми и велеле дека да се случело вакво нешто во САД ќе се објаснеле на суд.
Ахмети има само 25 години, но е сопственик на неколку компании, иако живеел како што вели во Северна Македонија, не знае македонски. Во неговите компании имал 85 проценти вработени етнички Македонци со кои комуницира на англиски.
Ахмети денеска на прес-конференција објаснуваше дека тој не го купува сам деловниот центар „Соравиа“, туку заедно со албански бизнисмен. Сепак не открија за колку пари ќе го купат деловниот центар.