Мојата сопруга беше на предавањето во ,,Рагуза”, но нема коронавирус – тврди поп пејачот Зоран Илиев

by fokus

Поп пејачот Зоран Илиев, чија сопруга Анѓелка е дерматолог и има сопствена ординација во Штип, со цел да стави крај на шпекулациите кои се појавиле од вчера, дека и таа има коронавирус, бидејќи била присутна на настанот во ,,Рагуза” во Скопје, заедно со директорката кај која е потврден вирусот, ја информира јавноста дека неговата сопруга направила тест за коронавирус. Вели дека тестот бил негативен, но неговата сопруга во наредните 14 дена нема да работи и нејзината ординација ќе биде затворена, според препораките на Министерството за здравство.

-Поради професијата на мојата сопруга Анѓелка Илиев, должни сме да потврдиме дека и таа била на дермоскопските предавања во ,,Рагуза”. Среќа во несреќа, близок контакт со докторката што била веќе заразена со коронавирусот – немала. Но, за да бидеме мирни ние, а и вие, на иницијатива на мојата сопруга јас лично утринава однесов брисеви од неа во најдобрата клиника во Македонија, а и пошироко- ,,Жан Митрев “. Резултатите само што ни ги јавија и тие се негативни! По неколку дена ќе бидат повторени овие испитувања . Поради професионалноста на мојата сопруга, таа ќе ги испочитува до крај мерките на министерот и нејзината приватна ординација ,,Дерма Кер”, нема да работи во наредните 14 дена, и дерматолошките прегледи што се одвиваа еднаш неделно (секој четврток ) во ,,Жан Митрев” ќе бидат префрлени за после 14 дена. Секој пациент што бил на преглед кај мојата сопруга, имал можност да види колку е таа жртва за нив, и целото знаење (а верувајте не е фалба, туку доста е големо) го пренесува со најголемо внимание и желба да помогне на секоја проблематика. Вашите ,,чаршиски “ муабети и шпекулации ве замолувам јас лично да си ги задржите за себе и да бидете среќни како што сме и ние што вашата докторка го нема тој вирус – информира Илиев.

Тој додава дека неговата сопруга останува достапна за било какви прашања поврзани со нејзината професија и сите кои имаат потреба од совет од дерматолог можат да ја контактираат на социјалните мрежи или на станицата на ординацијата во наредните 14 дена додека е во изолација. Илиев е неколкукратен победник на музичкиот фестивал на забавни мелодии „Макфест“. Пред три години кога го освои првото место на фестивалот за дуетот со Анабела Атијас, „Од утро до вечер“, дел од паричните средства од наградата ги донираше за лекување на девојче од Неготино. Тој е познат како голем хуманист и често учествува на хуманитарни концерти. Со докторката Анѓелка пред две години ја добија ќеркичката Бисера.

Вики Клинчарова

Поврзани новости