Моја Македонијо замисли и размисли!

by lali

Замисли по ланските презентации на премиерот и неговите роуд-шоуа пред триста и кусур компании, кои божем покажаа интерес за инвестирање во Македонија, навистина да инвестираат. Замисли само пола од нив да инвестираат. Замисли барем само неколку од нив да инвестираат. Македонија за година дена не ќе имаше невработени, добро, ќе имаше, но ќе беа само оние кои не сакаат да работаат и оние кои се мрзеливи. Замисли Субрата Рој навистина да има пари и навистина да почне  да инвестира во Македонија. Тогаш не ќе требаше да зема кредит од македонска банка за да го купи хотелот. Замисли навистина после секоја посета на кафуле да остава по 2000 евра бакшиш. Па, тогаш со оставањето на бакшиш ќе ги потикне и останатите милионери во Македонија истото да го прават. Замисли тогаш навистина конобарите ќе почнат да се смеат и ќе им биде убаво да работаат и нема да бидат намуртен ендемски вид.

Замисли едно просечно македонско семејство навистина да зема 1000 евра плата како што е прикажано во учебниците за четврто одделение. Тогаш ќе може редовно да ги плаќа сите сметки и ќе нема проблем со извршители, ќе нема да вози двапати препродавана кола, донесена од Словенија, со трипати менуван бројчаник на километри, ќе нема да бара најевтини понуди за на одмор во Грција, ќе нема да трпи немаштија, ќе има сок дома без да чека гости, ќе може да си дозволи да оди еднаш неделно во ресторан и повторно и култруно да биде услужен од насмеан конобар кој бакшишот му е скоро колку дневницата. Замисли да нема толку турски серии. Замисли да има едукативни емисии колку што има турски серии. Замисли сите оние пари за промотивни реклами што се потрошија да се вложеа во снимање на неколку модерни филмови, кои на автентичен начин ќе не промовираа насекаде во светот. Замисли Македонија навистина да почне да раѓа квалитетни тенисери заради големиот број изградени тениски игралишта, тогаш не ќе се радувавме на странските тенисери секое лето за време на Вимблдон.

Замисли навистина да ја направат железницата како што неколку пати ни ветија дека ќе ја прават. Па, тогаш ќе нема да требаат три  часа за да се оди до селото Богомила и за исто толку време да се свариш како модар патлиџан пред лутеница. Замисли тогаш колку многу ќе се олесни транспортот на луѓе, стока и суровини низ Македонија. Замисли да не нè заобиколуваат гасоводите и нафтоводите. Замисли да се направат патишта низ кои безбедно и лесно ќе се вози.

Замисли навистина медиумите да ја зборуваат цело време вистината. Замисли да не се случеше 24 декември. Замисли да имаше навистина толкав број на верници секој ден во црквите наместо пред општина Центар. Замисли сите свештени лица да беа како Владиката Пимен. Замисли навистина да работеше јавната администрација според бројната сила, тогаш не ќе имаше нервози и дремење пред шалтерите. Замисли да функцираат копчињата пред шалтерите за задоволен/незадоволен клиент. Замисли конечно да има успешен тендер за Охис. Замисли навистина Бранко за сè да беше крив. Замисли Сорос да не даваше пари. Замисли да има јавни дебати. Замисли да има ТВ-дуели. Замисли Твитер да има навистина влијание. Замисли да влеземе во НАТО. Замисли опозицијата и власта да почнат да се натпреваруваат кој ќе направи подобра Македонија, а не кој повеќе ја згрешил и ја греши работата. Замисли секој месец заедно кафе пијат Груевски, Заев, Ахмети и Тачи. Насмеани, нависитна насмеани. Замисли!

 

И сето ова баш како другар ми Сулимановиќ што вели: „Замисли се разбудиш утре и сè е онака како што очекуваш. Знаеш точно што си и кој си. Знаеш каде припаѓаш и кому му припаѓаш. Парите веќе не ти се проблем. А и здравјето. Па нели парите се пола здравје? Немаш зошто да се грижиш. Сето она за кое си се борел било искрено и се остварило. Имаш неограничени можности. Можеш да бидеш кој сакаш и што сакаш. Кој смее да ти рече не? Нема кој да ти оди контра. Немаш ништо на патот. Чисто е. Имаш свое јас. Имаш изградено име. И не само име. Имаш и имиџ. Препознатлив.

Замисли? Ајде сега полека расони се. Казна за дремење пред монитор е 4500 денари. Изборна година е. Секој мора да помогне по малку. Дојдовме по твоето брат“.

Е, моја Македонијо. Повторно замисли и овој пат добро размисли!

 

(Колумната е објавена на порталот Либертас на 12 јули 2013 година.)