Северна Македонија и Албанија ја искористија можноста и испорачаа реформи, го завршија својот дел од работата и сега е ред на ЕУ да го исполни својот, изјави високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини на заедничката прес-конферениција со еврокомесарот Јоханес Хан на која го презентираа пакетот за проширување на ЕУ.
Посочи дека извештајот сведочи за повеќе постигнувања и успеси, кои се импресивни особено за Северна Македонија и Албанија.
– Северна Македонија и Албанија ја искористија можноста и испорачаа реформи. Историскиот Договор од Преспа, со кој се става крај на проблемот со името со Грција и зајакнувањето на добрососедските односи со Бугарија е нешто што сите го вреднуваме и препознаваме и признаваме како историска промена не само за земјата, туку и за целиот регион, истакна Могерини.
Врз основа на строги и фер преоценки, продолжи Могерини, годинава по вторпат Комисијата препорачува отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
– Ова е препорака врз основа на цврстa оценка како што ќе видите од извешатите. Северна Македонија и Албанија го завршија својот дел од работата и сега е ред на ЕУ да го исполни својот дел, истакна Могерини.