Могерини го покани Заев во Брисел на премиерската вечера

by fokus

Неизвесноста е завршена – претставничката за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини го покани претседателот на СДСМ Зоран Заев на неформалната вечера која утре ќе ја имаат премиерите на балканските држави.

Ова значи дека техничкиот премиер Емил Димитриев не е поканет на вечерата каде ќе седнат лидерите на шесте балкански држави.

Од кабинетот на Могерини во рамки на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), поканата до Заев е испратена во својство на „определен за премиер“, што значи дека лидерот на македонските социјал-демократи, иако се уште не е избран за нов претседател на македонската Влада, утре во Брисел ќе биде претставен како таков, јави дописникот на МИА од Брисел.

Освен Заев кој ќе ја претставува Македонија на вечерата во Брисел ќе присуствуваат премиерите на Србија, Александар Вучиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ, Еди Рама (Албанија), Иса Мустафа (Косово) и Дениз Звиздиќ (Босна и Херцеговина).

Претходно портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчич, не откриваше кој ќе биде поканет од Македонија на вечерата и дали тоа ќе биде Димитриев или Заев. Целта на средбата ќе биде да се разговара на ситуацијата и случувањата во регионот.

 

Поврзани новости