Младински образовен форум (МОФ) реагира на предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, но и општо во врска со моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите, со апел до државните институции наместо да преземаат мерки кои, како што велат, дополнително ќе го влошат студентскиот стандард, да се посветат кон креирање на законски решенија кои ќе го подобрат статусот на студентите и вистински да покажат дека се залагаат за младите и студентите во државата, а не само декларативно.
„Во услови на енергетска криза, голема инфлација и пост-пандемиско опоравување, студентите за жал се први на удар од страна на државните институции со тоа што се преземаат мерки кои влијаат кон намалување на и онака веќе нискиот студентски стандард. Почнувајќи од катастрофалните услови во кои се наоѓаат студентските домови (според неодамнешно истражување на МОФ – просечната оцена за генералниот квалитет на живот во студентските домови, на скала од 1 до 5, е 2,93.), рестрикциите во студентските домови за најосновните работи, како на пример забрана за користење на сопствени решоа и грејни тела во собите, неработењето на лифтовите во определен период од денот и останати небулозни мерки кои единствено се на штета на студентите, па сѐ до измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, каде што се стеснува обрачот за тоа кој студент има право на оваа мерка, велат од Младинскиот образован форум.