Најдобрите работи никогаш не доаѓаат лесно… Во животот и во кариерата ништо не ми дојде така лесно. Не сакам да зборувам за тоа, најмногу што ми остана во сеќавањето и ми го одбележа цел живот, бев многу мал, и дедо ми остана во најдобро сеќавање. Тој ми беше најголемиот заштитник кој секаде ме водеше со себе, со неговите животни на пасење, постојано бев во неговата куќа, таму живеев – раскажува популарниот хрватски фудбалер Лука Модриќ во видео снимено од ФИФА, а кое е насловено како неговата инспиративна приказна.
Емотивно, и со зарипнат глас, тој се сеќава за војната и за лошите периоди кои ги минал како дете бегалец. Во повеќе наврати повторува дека не сака да се враќа на тие теми, бидејќи бил многу млад, и тоа му останало како спомен од детството.
-Моравме да побегнеме од дома и бевме сместени во хотел за бегалци. Не беше лесно да се живее во тоа време. Ги слушаш сирените, паѓаат бомби, ракети… Кога ги гледам фотографиите од детството, секогаш сум со топка. Ете, топката влијаеше на целиот мој живот. Ми беше излез од се. На бетонот, на асфалтот пред хотелот за бегалци, играв, беа помеѓу најмалите, ме туркаа, но сепак не кукав и не плачев, се борев. Името го добив по дедо ми. Жал ми е што не доживеа барем еден дел од сето ова кое го постигнав, но сигурно од горе ме гледа, бодри и се гордее со мене – раскажа Модриќ.
Видеото го објави ФИФА на Јутјуб пред десеттина дена. Веќе има над 966.000 прегледи и илјадници споделувања. Во најавата, ФИФА пишува дека од дете од воена зона, Модриќ станал најдобар на планетата.
Вики Клинчарова