Индискиот премиер Нарендра Моди денеска изјави дека ќе размени мислења за мирно решение на конфликтот во Украина за време на неговата посета на Киев кон крајот на оваа недела.
Моди денеска отпатува за Полска, а во петок ќе го посети Киев, што е прва посета на индиски премиер на Украина од воспоставувањето дипломатски односи пред 30 години, пренесува Ројтерс.
„Како пријател и партнер, се надеваме на брзо враќање на мирот и стабилноста во регионот“, рече Моди пред заминувањето.
Украинските лидери извршија притисок Индија да помогне во обновата на земјата, а Моди неодамна се сретна со претседателот Володимир Зеленски на маргините на самитот на Г7 во Италија.
Патувањето на Моди во Украина доаѓа неколку недели по посетата на Москва, каде што се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, со кого разговараше за војната во Украина.
Дводневната посета на Моди на Русија минатиот месец се совпадна со смртоносниот напад на детската болница во Киев, по што тој му кажа на Путин дека смртта на невините деца е „болна и застрашувачка“ и повика на решавање на конфликтот.
Индија постојано ги повика Украина и Русија да користат дијалог и дипломатија за да го прекинат конфликтот.