Пристапувањето на нови земји во БРИКС е доказ дека оваа организација е способна да се менува со времето, изјави денес индискиот премиер Нарендра Моди на отворањето на самитот на БРИКС во Бразил.
„Проширувањето на БРИКС, додавањето нови пријатели е доказ дека БРИКС е организација која може да се менува со текот на времето. Сега ќе мора да покажеме иста волја за реформи во институции како Советот за безбедност на Обединетите нации, СТО (Светска трговска организација) и мултилатералните банки за развој“, рече Моди, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека две третини од човештвото не добиле соодветна застапеност во глобалните институции формирани во 20 век.
„Земјите што значително придонесуваат за глобалната економија денес не добија место на масата за донесување одлуки. Не е само прашање на претставување, туку и на кредибилитет и ефикасност… Овие институции не се опремени да се справат со предизвиците на 21 век. Без разлика дали станува збор за тековни конфликти во различни делови од светот, пандемија, економска криза или нови предизвици во сајбер-просторот и вселената, овие институции немаат решение“, нагласи индискиот премиер.
Моди особено нагласи дека на денешниот свет му е потребен нов мултиполарен и инклузивен светски поредок.
„Ова мора да започне со сеопфатни реформи во глобалните институции. Реформите не смеат да бидат само симболични, туку нивното вистинско влијание мора да биде видливо. Мора да има промени во структурите на управување, гласот и лидерските позиции. Загриженоста на Глобалниот Југ мора да биде приоритет во креирањето политики“, рече тој.
На состанокот за мир и безбедност и реформа на глобалното управување, лидерите на БРИКС во Рио де Жанеиро разговараа за перспективите за поблиска политичка, трговска, економска, културна и хуманитарна соработка и разменија мислења за актуелните глобални прашања.
Организацијата е основана од Бразил, Русија, Индија и Кина, на која подоцна ѝ се придружи и Република Јужна Африка, а Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија, ОАЕ и Аргентина станаа членки на БРИКС во 2024 година, пренесува Танјуг.