Мобилни екипи составени од лекар или парамедик ќе патролираат низ Скопје, ќе делат вода и летоци со совети за заштита од топлото време, ќе мерат притисок на граѓани кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето, информира Црвениот крст на град Скопје за теренските активности за справување со евентуални топлински бранови.
Ангажирани ќе бидат 20 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, пет возила кои ќе патролират низ градот. Планирано е денеска и утре мобилните тимови да излезат на терен од 11 до 16 часот и да патролираат низ централното градско подрачје и на поголемите автобуски постојки. Активостите ќе продолжаат согласно прогнозите за високите температури.
Тимот за спасување на планина при Црвен крст на град Скопје и оваа година активно се вклучува во активноститеза превенирање и намалување на штетите предизвикани од топлотниот бран и пожарите.
-Со пропаганден материјал волонтерите од тимот ќе влијаат на свеста на граѓаните и нивните навики кога се движат низ планинските предели и ќе бидат активни во давање совети како да се заштитат од топлотнитиот бран и да им укажат прва помош доколку е потребно, се наведува во соопштението.