МНР: Засега нема загинати или повредени македонски државјани во Албанија

by fokus

Министерството за надворешни работи засега нема информации дека има македонски државјани меѓу загинатите и повредените лица во разорниот земјотрес што се случи ноќеска во Албанија.

Од Министерството за Фокус објаснуваат дека ова се првични и неофицијални информации што ги добила македонската амбасада во Албанија од албанското министерство за внатрешни работи. Од таму предупредуваат дека оваа информација може да се прмени во текот на денот, но тие се во постојан контакт со амбасадата и надлежните институции.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров изрази жалење за загубата на животите во земјотресот во Албанија и подготвеност за помош.

– Длабоко жалиме за загубата на животите во земјотресот во Албанија. Ние сме подготвени да помогнеме. Нашите мисли се со народот на Албанија, напиша утрово министерот Димитров на Твитер.

Во силниот земјотрес што изутринава го погоди регионот на албанскиот град Драч, според извештаите на медиумите во Албанија, животот го загубиле најмалку шест лица, а над 150 се повредени. Причинета е и голема материјална штета.

 

 

Поврзани новости