Министерството за надворешни работи соопшти дека продолжува со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање, а посебно внимание се посветува на државјаните кои престојуваат во загрозените подрачја, посебно во градот Вухан и поширокото подрачје.
Од Министерството посочуваат дека преку Амбасадата во Пекинг, се во редовен контакт и со нашите сонародници во другите градови и региони во Кина. Воедно, укажуваат дека во моментов не се организираат целосни евакуации на странски државјани од Пекинг и од другите делови на Кина.
-Во случај на нивно организирање, Амбасадата на Република Северна Македонија навремено ќе ги информира државјаните на Република Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Народна Република Кина и ќе ги извести за потребната процедура. Нашите државјани, по свое убедување и во сопствен аранжман, можат и самостојно да се вратат во земјата, почитувајќи ги прописите од надлежните органи на секоја држава на транзитирање, се наведува во соопштението од МНР.