ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати дека нивните лаги и пропаганда за преговорите се разоткрија во само едно детално видео во кое прецизно беше објаснета содржината на преговарачката рамка, како и процедурите и принципите на преговарачкиот процес, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Тоа следува по денешните реакции од опозициската партија на вчерашната видео-презентација на шефот на дипломатијата на социјалните мрежи, во која на училишна табла со креда в раце ги објасни структурата и содржината на преговарачката рамка со ЕУ.
„На граѓаните им стана јасно дека ниту Договорот со Бугарија, ниту прегледите од член 12 нема да бидат пречка за напредокот во европските интеграции, затоа што тие ниту се дел од поглавјата, ниту во одредниците, содржани во акциските планови, ниту пак било каде во специјалниот дел од преговарачката рамка за кој ќе бидат изготвувани извештаи и по кои ќе се гласа“, соопштија од МНР.
Оттаму велат дека европската интеграција на земјава претставува стратешки државен интерес за кој граѓаните, без разлика на политичката припадност имаат право да бидат јасно и прецизно информирани за прашањата од кои зависи во каква земја ќе живееме во иднина.
За жалење, велат од Министерството, е што опозицијата наместо да ги изложи своите аргументи и јавно да ги објасни своите политички ставови, избира да се вклучи во измислени приказни, со кои се обидува да ја избегне одговорноста за политичкиот инает со кој настапуваат.
Претходно, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски го повика министерот Бујар Османи повторно да земе креда и да одговори на повеќе прашања, меѓу кои и во кој кластер за ЕУ е претприемачки дух на Дрин Ахмети без денар пола Соравиа да ја добие?
Стоилковски: Османи да нацрта во кој кластер се „Соравиа“ на Ахмети и „аудито“ на Груби