-Според правилата на НАТО, кои se донесени далеку пред нашето членство, за протоколарни потреби земјите се означуваат со целосните имиња, и тоа соодветно на транскрипцијата во англиската азбука , освен кога тоа е технички неизводливо. Со цел да не се промени редоследот, земјите – членки се одбележуваат со првите две букви од името на земјата и тоа, доколку е тоа со еден збор, или со првите букви од двата збора, како во нашиот случај кога името е од повеќе зборови. Целта на ова правило е соодветно да се адаптираат целосните имиња на земјите без притоа да се наруши азбучниот ред на англиски јазик по кој се подредени земјите, што, пак, е исто така правило во рамките на Алијансата.
Согласно горенаведеното, за Северна Македонија (North Macedonia) се користи кратенката NM, a соодветно, според азбучниот ред, земјава се наоѓа меѓу Холандија (Netherlands – NE) и Норвешка (Norway – NO).
Истото правило кое важи за нас, посочуваме дека е применето и за кратенките кои се користат за некои други земји – Турција (TU), Германија (GE), Данска (DE), кои исто така не соодветствуваат со нивните ISO кодови. Што се однесува до интерните акти на Алијансата, онаму каде е тоа специфично наведено, се користат кратенките од ISO системот, каде нашата држава редовно е обележана со соодветните ISO кодови – МК и МКД, стои во објаснувањето на МНР.