Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во целост ги почитува преземените обврски од меѓународните договори чиј потписник е Република Северна Македонија, вклучително и од Договорот од Преспа, но потсетуваме дека неговата имплементација е обврска и за двете страни, велат од МНР.
„Воедно ја реафирмираме подготвеноста за искористување на сите можности кои ги нуди Договорот од Преспа за натамошно јакнење на билатералната соработка во сите области од заемен интерес. Во целост остануваме посветени на спроведување на европскиот интегративен процес преку доследно заокружување и надградување на започнатите реформи за членството во ЕУ, како наш врвен надворешно-политички приоритет“, соопштија од Министерството на чело со Тимчо Муцунски.
Ова следува откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на вчерашниот Европски совет ги информирал неговите колеги за, како што рече, „фактот што и претседателката и премиерот на Северна Македонија директно го прекршуваат Договорот од Преспа“ и посочил дека е неопходно сите да разберат дека „почитувањето на европското законодавство, очигледно поминува преку верното почитување на меѓународните договори.