Министерството за надворешни работи ги демантира информациите кои ги објави денеска ВМРО-ДПМНЕ, дека наводно трет месец на македонските дипломати, амбасадорите, целата дипломатија, службите, вработените во ДКП-ата, не им се покрива здравственото осигурување. Од МНР велат дека на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ се изнесени невистини.
„Платата на вработените во МНР, како и во останатите државни институции, согласно законската регулатива, не би можела да биде исплатена без уредно уплатени придонеси за здравствено и пензиско осигирување. Исто така факт е дека платата во МНР во континуитет се исплаќа редовно – платата за јуни 2019 година беше исплатена во текот на вчерашниот ден (3 јули 2019 година).
Министерството за надворешни работи во континуитет и навремено ги исплаќа платите и сите придонеси за своите вработени. За потврда на фактот дека МНР редовно ги уплаќа задолжителните придонеси, упатуваме да се обратите во УЈП, Фондот за пензиско осигурување и Фондот за здравствено осигурување“, соопштија од МНР.