Министерството за надворешни работи денеска информира дека се уште важи апелот до државјаните на земјава доколку се во можност да ја напуштат Русија, упатен на 28 февруари годинава, кога беа воведени рестриктивните мерки кон Москва, како одговор на руската инвазија на Украина.
Во апелот од февруари, МНР ги повика нашите граѓани кои престојуваат на територијата на Руската Федерација да ги искористат расположливите комерцијални летови и копнени линии за напуштање на земјата, со оглед на одлуката на ЕУ и други европски земји, вклучувајќи ја и нашата, за затвoрање на европскиот воздушен простор за руските авиопревозници.
– Соодветно, ги повикуваме сите државјани на Северна Македонија кои во претстојниот период планираат посета на Руската Федерација, да се воздржат од патувања кон истата, беше наведено во соопштението на МНР.
Од МНР посочуваат дека за поддршка на државјаните на земјава кои се наоѓаат во Русија на располагање се телефонските броеви во нашата Амбасадата: + 74 99 124 33 57 (фиксен) и + 79 58 643 34 63 (мобилен), како и и-мејл адресите: moscow@mfa.gov.mk и Olivera.dimovska@mfa.gov.mk. Дополнително, нашите државјани може да се обратат и во Министерството за надворешни работи на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната и-мејл адреса: globalsos@mfa.gov.mk
– Воедно ги известуваме сите нашите граѓани, кои се наоѓаат во или надвор од нашата држава, да ги следат и да се информираат само од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва. Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Русија и навремено ќе информира за евентуални дополнителни насоки за постапување на нашите државјани, се додава во соопштението на МНР од февруари годинава.