Откако простриу информацијата дека Владата на затворена седница ја избрала тв-презентерката Бесмира Ејупи за генерален конзул во Њујорк, Министерството за надворешни работи се огласи после дводневен молк, истакнувајќи дека Македонија во моментов има генерален конзул во Њујорк.
„Со оглед дека станува збор за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека РС Македонија во моментов има генерален конзул во Њујорк, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера и кој е избран во согласност со сите законски прописи. Во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена“, соопшти МНР.
Инаку, јавноста и опозицијата жестоко реагираа на информацијата за именување на Ејупи за конзул во Њујорк, со оглед дека не доаѓа од редовите на МНР и воедно не е истакната личност од областа на надворешната политика, како што предвидува Законот.