Министерството за надворешни работи соопшти дека по дипломатски пат е отповикана нотата која била испратена од македонската амбасадата во Рим до министерството за надворешни работи на Италија, а во која се информира дека пасошите на македонските државјани со старото уставно име се неважечки по 12 февруари 2024 година.
Информацијата од МНР ја соопштиле за МИА, откако претходно ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од македонскиот амбасадор во Рим, Весел Мемеди, поради испратената нота до властите на Италија со која, како што велат од партијата, тој постапил спротивно на интересите и правата на околу 100 илјади македонски државјани во Италија.
„По добиените сознанија за испратената нота до италијанското МНР, истата по дипломатски пат веднаш е отповикана, уште пред стапување во сила на наведениот рок за важноста на пасошите и со тоа, не предизвика никакви импликации“, велат од МНР.
Во рамки на Министерството, како што додаваат оттаму, веќе се спроведува интерна постапка за утврдување на одговорност за расчистување на случајот.
Дополнително, од МНР посочуваат дека ниту едно дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија нема добиено инструкција да доставува ноти по однос на ова прашање.