МНР не кажува дали ќе реагира за „историското поврзување на Македонија со стрелање луѓе“

by fokus

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи има време за гостувања по бугарски телевизии, но не и да одговори на прашањата од македонските медиуми.

При неговата посета на претепаниот секретар на здружението „Цар Борис Трети“,  Христијан Пендиков тој мирно стоеше до бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков додека тој зборуваше како Македонија историски се поврзувала со стрелање и палење.

-Ние кажуваме НЕ за заживување на овие црни традиции кои историски се поврзуваат со Македонија – на палење, пукање, стрелање,  насилство врз луѓе. Вакви работи немаат место во Европа. Бугарија нема да отстапи од заштитата на правата на нашата заедница, кои се луѓе со достоинство, рече Милков.

„Фокус“ уште во неделата кога беше дадена изјавата испрати прашање до МНР дали ќе реагираат на ваквата изјава од бугарскиот министер, но до денеска одговор не добивме.

Инаку, адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ за ТВ Телма рече дека е преседан начинот на којшто 22-годишиот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб Цар Борис Трети од Охрид е изнесен од државата, а истрагата за кафеанската тепачка што прерасна во дипломатски скандал е целосно компромитирана со изјавите на политичарите.

-Факт е дека начинот на кој сето тоа е направено, со целосно игнорирање на македонските правосудни власти, е опасен преседан, бидејќи се работи за активна истрага, која веќе е компромитирана со политичките изјави на политичките чинители. На тој начин се отежнува работата на јавниот обвинител, вели адвокатот Туфегчиќ.

К.С.Б.

Поврзани новости