Министерството за надворешни работи се огласи по реакциите поврзани со издавањето сертификат за безбедност на вработените во дипломатијата.
Оттаму велат дека МНР ниту дава ниту одзема сертификат за безбедност.
„За тоа е задолжена Дирекција за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) која има законска надлежност и обврска, во соработка со други институции, да издаде нов, или да одземе веќе постоечки сертификат за безбедност од било која класа. Министерството за надворешни работи има обврска да реагира доколку одреден вработен со правосилна одлука остане без сертификат за безбедност.
Постапката за поседување сертификат за безбедност е обврска за сите вработени во дипломатијата, и таа се спроведува во континуитет. Информираме дека во последното известување од страна на ДБКИ, за двајца вработени во дипломатијата не е одобрен безбедносен сертификат“ соопшти МНР.