Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на брифинг со новинарите рече дека организацијата на завршниот самит на ОБСЕ во Скопје ќе чини помеѓу 5 и 8 милиони евра, а целата сума ќе ја плати Македонија како земја претседавач.
Тој напомена дека речиси еден милион евра ќе потроши МНР само за изнајмување на возила со кои неколку дена ќе се превезуваат низ Скопје министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ.
Договорот е склучен со компанијата „АБЦ Рент а кар ДООЕЛ Скопје“, која била единствен понудувач на огласот, па оттаму треба да изнајмат 175 возила, меѓу кои се 35 ВИП возила задолжително во црна боја, 70 автомбили од средна класа, 25 треба да бидат миниван, 25 минибуси и 10 автобуси.
– Јас реков дека сите стандарди на ОБСЕ треба да се запазат, па дури и тип на возило, марка на возило, простор, број итн. Договорот што го постигнавме со рент а кар агенцијата е рамковен договор како резервен план, бидејќи ние мораме, согласно стандардите на ОБСЕ, да имаме обезбедено возила за секој министер, за секоја делегација од денот кога доаѓаат до денот кога заминуваат. Договорот е направен рамковен, што значи дека е утврдена цена по возило и по ден. И во договорот јасно стои дека министерството нема обврска да ги користи сите возила, односно толку колку што има потреба откако ќе ги исцрпиме сите домашни ресурси. Остатокот за кој ние ќе немаме возила, ќе имаме од каде да обезбедиме возила. Ние мора тоа да го направиме и да сме покриени. Ние се јавивме кај сите агенции за да го опипаме пулсот на пазарот, но на крај се јави само една агенција. Зошто е тоа така ќе треба да прашате дали останатите го имале потребниот број на возила со такви спецификации и димензии или пак немале интерес, но тоа не е прашање за нас, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање.