Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека членовите на Антикорупциска не влегуваат во категоријата на лица кои имаат задолжително право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа.
Оттаму појаснуваат дека барањата за претседателката Татјана Димитровска и за шесте членови во Антикорупциската комсија, биле доставени од ДКСК во април и тогашниот министер за надворешни работи позитивно одговорил само за претседателката на Комисијата.
„Во текот на месец април од страна на Државната комисија за спречување корупција до Министерството за надворешни работи доставено е барање за издавање на седум дипломатски пасоши за Претседателот и членовите на Комисијата. Членовите на оваа Комисија не влегуваат во категоријата на лица кои согласно со актите кои го регулираат ова прашање имаат задолжително право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку Министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа На предметното барање од страна на тогашниот Министер за надворешни работи, позитивно е одговорено само за едно лице, односно за Претседателот на ДКСК. Во однос на останатите членови на ДКСК Министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие евентуално да добијат дипломатски или службени патни исправи“, велат од МНР.
Претходно се огласија и од Антикорупциска, од каде рекоа дека дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право.
„Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска како и членовите на новиот состав на ДКСК Цвета Ристовска, Софија Спасова Медарска, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев, Сервет Демири и Зоран Богоевски, се избрани едногласно од страна на Собранието на Република Северна Македонија, каде што имаат дадено и свечена изјава на почетокот на нивниот мандат дека функцијата ќе ја извршуваат одговорно и професионално. Дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели. Ова право не си го доделува самата ДКСК туку законот кој го донел парламентот и министерот кој е овластен со процедура според законот. За да нема дилеми во јавноста и поради крајна транспарентност го повикуваме и новиот министер за надворешни работи да ја преиспита одлуката за дипломатските пасоши на ДКСК, а исто така и пратениците самиот закон доколку сметаат дека има потреба од тоа“, потенцираат од комисијата.