МНР излезе со список прекршоци кои тврди дека ги направил отповиканиот амбасадор во Чешка

by Fokus

Откако шефот на дипломатијата Бујар Османи на брифинг со новинарите соопшти дека е отповикан амбасадорот на Северна Македонија во Чешка, Сашко Тодоровски, Министерството за надворешни работи (МНР) преку соопштение наведе листа прекршоци за кои тврди дека биле направени од страна на отповиканиот амбасадор.

Сите прекршоци, тврди МНР, со материјални докази и прецизни констатации се дел од извештајот што го изготвила надлежна комисија, а врз основа на кои Владата донела одлука да го отповика амбасадорот.

Едни од нив, според МНР се во што биле склучувани договори за санирање на амбасадата без согласност од Министерството, како и ангажирање на локален персонал спротивно на актите.

„Во рамките на материјалното финансиско работење, при активностите за санирање на објектот на амбасадата, не се испочитувани внатрешните процедури и склучени се договори без согласност на Министерството; по истите Договори подоцна исплатени се финансиски средства без материјално покритие за истите“;

„Без согласност од МНР амбасадорот ангажирал локален персонал и склучил договори за ангажман на локален персонал, што е спротивно на интерните акти на МНР, поточно член 9 и член 10 од Правилникот за ангажирање локален персонал и спроведување практична работа на студенти во ДКП“, велат од МНР.

Понатаму, се тврди дека без соодветна одлука, Тодоровски ја претставувал сопругата за „аташе за наука“ на Република Северна Македонија иако таа го нема добиено тоа дипломатско звање. Со тоа, наведува МНР, прекршени биле сите правила и надминати се ингеренциите кои амбасадорот ги имал, а биле доведени во заблуда и претставници на научните и образовните институции во Чешка. Сопруга на амбасадорот Тодоровски е професорката Мирјана Најчевска.

Исто така, МНР забележува и дека без да најави не присуствувал на испраќање на премиерот кога бил во посета на Чешка.

„Ги прекршил правилата на добрата дипломатска практика, и без да најави, не присуствувал на испраќањето на Претседателот на Владата сосе неговата придружна делегација за време на посетата на земјата на покривање, оставајќи непријатен впечаток пред дипломатските претставници на земјата – домаќин“; велат од МНР.

 

 

Поврзани новости