Министерството за надворешни работи вчера го повикало на разговор албанскиот амбасадор во Македонија, поради, како што велат, зачестените навредливи изјави и коментари од официјални лица на Република Албанија, насочени кон Република Македонија.
„На средбата беше потенцирано дека изјавите на претседателот на Владата и министерот за надворешни работи на Република Албанија за двонационалност и менување на уставното уредување на Република Македонија се отворено мешање во внатрешните работи на Република Македонија. Eтикетирањето на Македонците како „Славомакедонци“ е навредливо и дискриминаторски кон Македонците и сите граѓани на Република Македонија. Беше истакнато дека ваквите пораки се сериозна провокација за добрососедството кое сакаме да го негуваме. Тие прават долгорочна штета на односите во регионот и потткнуваат екстремистичка реторика. Она што ни треба во Регионот, е обединување околу интеграцијата во ЕУ, мир и економски напредок“, соопшти МНР.
МНР апелира да се прекине со „провокациите, да се почитува сувереноста и да се работи на планот на добрососедството, за доброто на сите во регионот“.