По апелот за пријавување на македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата, како и по јавниот повик за организирање на авионски превоз, но и преку хуманитарни конвои, заклучно со денеска во организација на Министерството за надворешни работи е направена репатријација на 3.032 наши државјани.
Како што соопшти МНР, од посочената вкупна бројка 2.022 се репатрирани од 13 земји (Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија, Швајцарија, Велика Британија, Белгија, Франција, Шведска, Данска, Холандија и Италија) на летовите од 15 градови (Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, Базел, Лондон, Брисел, Париз, Стокхолм, Копенхаген, Ајндховен и Венеција), а 214 граѓани со четири хуманитарни конвои (автобуси и автомобили) од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија и од Турција.
На 573 наши државјани им е помогнато со насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана. Со регулирана постапка пак во комуникација со српските органи, самостојни дозволи во посредство на МНР биле издадени на 149 македонски граѓани за да ги преминат српските граници како би се вратиле во земјата.
– Со ова се исполнија барањата на нашите граѓани за враќање во земјата во контекст на чартер летовите, но предвидени се и дополнителни хуманитарни конвои, а Министерството во соработка со надлежните власти на другите држави, ќе продолжи и со помагање при индвидиуални дозволи за транзитирање таму каде што условите тоа го дозволуваат, наведуваат од МНР.
Воедно, во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот, така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, но и пошироко, посочува МНР, овозможена е репатријација и на повеќе од 759 странски државјани кои од Скопје се вратени во своите земји, меѓу кои: Австрија, Велика Британија, Германија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др.
На тој принцип, во соработка со други земји и нивните министерства за надворешни работи, им било помогнато и на 74 наши државјани да се вратат дома од земјите од Централна и Јужна Америка, Полска, Нов Зеланд и од Обединетите Арапски Емирати.
Благодарност до сите инволвирани во овој процес, од МНР упатуваат до колегите од Кризниот тим при Министерството и од сите наши дипломатско-конзуларни претставништва за нивната посветеност.
Денеска попладне со лет од Венеција беа вратени 152 македонски државјани. Според МНР, тоа ќе биде и последниот организиран авионски превоз за репатрирање на наши граѓани затекнати во странство.