Четири милиони долари од продажбата на заедничкиот имот на поранешна Југославија во Њујорк легнале на сметката на МНР, соопшти денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
-Тие средства пред два дена легнаа на сметката на нашата мисија во Њујорк. Во меѓувреме, владата донесе одлука во рамки на тие средства да се купува објект за нашата мисија во Њујорк и со остатокот од средствата во регионот, така што одиме во искористување на средствата директно за потребите на МНР. Досега со сукцесијата МНР добива неколку објекти од резиденцијата во Париз која веќе е наша амбасада, преку станови во Рим, Трст, дел од објект во Њу Делхи, дел од објект во Бразил, Канбера и сите тие се обидуваме да ги ставиме во функција на нашата мрежа, рече Османи.
Тој додаде дека остануваат да се поделат и други објекти на поранешна Југославија во други држави, а меѓу нив се и во Романија и Албанија.