Министерството за надворешни работи ја повика јаноста и политичките субјекти во соседна Бугарија да овозможат македонските државни институции да го расчистат случајот со нападот врз државјанинот на Република Северна Македонија Б.К. од струшкото село Лабуниште.
„Ја повикуваме јавноста и политичките субјекти од соседна Бугарија да им овозможат на институциите на државата да ги расчистат околностите на настанот и соодветно процесуираат, согласно законската регулатива“, соопшти МНР.
Министерството во соопштението до јавноста повика на воздржаност од превремени квалификации додека целосно не се расчисти случајот.
„Во врска со вчерашниот напад врз државјанин на Република Северна Македонија, Б.К. од Лабуниште, Министерството за надворешни работи апелира за воздржаност од предвремени квалификации се до целосно расчистување на случајот. Во текот на вечерните часови, со осомниченото лице за нападот, А. Н. од Велешта, бил извршен службен разговор и известен е јавниот обвинител“, стои во соопштението од МНР.
Според МНР овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и Бугарската заедница.
Вчера во Струга еден од основачите на бугарскиот клуб „Шемето“ во Струга Бекир Кадриески беше натепан од жител на струшкото село Велешта, по што реагираа бугарските медиуми дека е напданат од омрза бидејќи се чувствувал како Бугарин. Бугарското МНР пак соопшти дека вработен во бугарскиот конзулат во Битола е испратен во Струга да провери дали нападот е од омраза поради бугарска самосвест.