По неколкучасовна расправа околу точките на дневниот ред, мнозинството го прифати предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која бараше точката за именување на заменици министри да биде последна за разгледување.
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ неколкупати во текот на седницата потенцираше дека вакви обемни материјали, според деловникот, треба да се разгледуваат десетина дена, а до нив списокот со имиња бил доставен дури во 2 часот по полноќ.
„Би сакал да ја информирам јавноста дека утринава во еден часот и триесет и девет минути на нашите адреси на е-пошта добивме предлог за избор на заменици министри. Материјалот е обемен поради тоа што има предлози со биографии. Овие материјали треба да се достават најмалку десет дена пред одржувањето на седница. За првпат имаме пракса од ден за ден да бираме заменици министри“, рече денеска пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, даде пауза по која мнозинството пратеници се изјасни и прифати оваа точка да се најде последна на дневниот ред.
Моментално трае едночасовната пауза по која за разгледување има уште 12 точки кои се однесуваат на различни годишни извештаи, а останува и именувањето на функционерите од вториот ешалон во Владата.