„Многу земји поднеле барања за средба со Лавров во Скопје“, потврди Захарова

by Fokus

Голем број земји поднеле барања за билатерални средби со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ, кој денеска и утре ќе се одржи во Скопје, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова за државната руска агенција ТАС.

„Навистина можам да потврдам дека има многу барања за билатерални средби. Ќе има и мултилатерални состаноци. Планирани се и билатерални“ рече Захарова.

Состанокот на ОБСЕ ќе го одбележи присуството на шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што е еден од ретките настани, на кои двајца дипломати ќе бидат присутни од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

По најавата дека Лавров ќе присуствува на состанокот на ОБСЕ, вчера повеќе држави го откажаа присуството на нивните министри за надворешни работи.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера соопшти дека нема да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Причината за ваквата одлука, како што се посочува, е тоа што „Русија постојано го уништува ОБСЕ“, очигледно алудирајќи на најавеното присуство на самитот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Поврзани новости