Македонскиот јазик успешно се изучува на лондонски универзитет

by Фокус

Британци се воодушевени од македонскиот јазик и го изучуваат на одделен курс на којшто подетално се пренесуваат знаења и за македонската литература и култура, велат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Веќе три академски години по ред, на Школата за словенски и источноевропски студии на престижниот Лондонски глобален универзитет се одржува курс по македонски јазик.

- Advertisements -

Деновиве успешно заврши летниот семестар на курсот, при што уште еднаш беше потврдена посветеноста на студентите во изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, но и нивната определба да бидат афирматори на македонистиката во Обединетото Kралство, објавија од Меѓународниот семинар.

-Во изминатиот период, настојувавме на секој можен начин да придонесеме за успешноста на курсот, вклучително и преку учебници, односно наставни помагала, но нема да запреме тука. Ќе сториме сè со што може за да оствариме свој влог и во натамошниот квалитет на курсот и во поттикнувањето на слушателите за нивна натамошна посветеност на македонистиката – изјави директорката на Меѓународниот семинар Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа одделно ги посочува заложбите на професорката по македонски јазик којашто го држи овој курс и на нашата амбасадорка во Обединетото Кралство.

-Враќањето на македонскиот јазик на високообразовна институција во Британија е исклучително значаен чин. Затоа, сакам одделно да ги истакнам заложбите на професорката Ана Илиевска-Завршник, со чијашто заложба се случи македонскиот јазик да се изучува и во рамките на вечерните курсеви на Школата за словенски и источноевропски студии. Но и заложбите на нашата амбасадорка, Александра Миовска, којашто од самите почетоци, со цврста и конкретна поддршка, суштински застана зад овој курс по македонски јазик – порача Мојсова-Чепишевска.

На последниот час од летниот семестар на курсот по македонски јазик, слушателите и студентите имаа средба со амбасадорката Миовска и новоименуваниот британски амбасадор во нашата земја, Метју Лосон, на којшто се разменија искуства од изучувањето на македонскиот јазик и совладувањето на неговите специфики.

Поврзани новости