Вештачката интелигенција ќе има влијание на околу 40 отсто од сите глобални работни места и во многу случаи ќе предизвика значително влошување на нееднаквоста во светот, се наведува во студијата на Меѓународниот монетарен фонд, пренесува Би-би-си.
Директорката на ММФ Кристалина Георгиева коментирајќи го овој документ вели дека истражувањата покажуваат дека во развиените земји вештачката интелигенција ќе влијае на дури 60 отсто од сите работни места.
Во половина од овие случаи, влијанието ќе биде позитивно и ќе предизвика зголемување на продуктивноста на трудот, но во останатите случаи, вештачката интелигенција ќе има знаење и способности да ги извршува задачите на многу вработени, што може да доведе до намалена побарувачка за работна сила, пад на платите, па дури и целосно укинување на некои работни местa.
Георгиева нагласува дека, според новите проекции на ММФ, само 28 отсто од работните места ќе бидат погодени од оваа технологија во неразвиените земји.
„За жал, овие земји немаат инфраструктура или знаење за да имаат корист од употребата на вештачката интелигенција, па постои опасност со текот на времето неразвиените уште повеќе да заостанат и да се зголеми нееднаквоста меѓу народите“, вели Георгиева.
Помладите работници, како и работниците со повисоки примања, би можеле да добијат несразмерно високи плати доколку прифатат и почнат да работат со вештачка интелигенција, додека постарите и помалку квалификуваните работници ќе заостанат со приходи, покажуваат резултатите од студијата.