ММФ: Уште неколку години ќе бидат тешки, се трошат пари на одбрана место за помош и развој на земјите

by Fokus

 

Извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, изјави дека проблемите на светската економија не можат да се сведат само на висока инфлација и бавен раст. Таа предупреди дека на Светот му претстојат уште неколку тешки години.

Годинава се очекува светската економија да порасне за 2,8 отсто. Минатата година беше 3,4 отсто, а пред две години беше 6,1 отсто, но во моментов најголем проблем е постојаната инфлација, изјави за ХРТ Георгиева.

Според неа ограничувањето на монетарната политика влијаело на падот на вкупната инфлација, но се покажало дека базната инфлација е поупорна, што значи дека каматните стапки ќе мора да останат високи подолго време, што ќе продолжи да влијае на економските раст, па се предвидува дека во следните пет години тој ќе изнесува само три проценти годишно.

Проценките на ММФ укажуваат дека инфлацијата годинава ќе биде седум проценти и дека ќе има напредок следната година, но сепак ќе остане далеку над нивото кое би било задоволително.

„Кога зборуваме за каматните стапки, тоа значи дека ќе треба да бидеме подготвени за повисоки каматни стапки барем оваа и следната година, но добрата вест е што веќе не зборуваме за тоа колку ќе бидат високи, туку колку долго ќе бидат високи“, рече Георгиева.

Според неа тоа секако ќе влијае на инвестициите и потрошувачката.

Георгиева смета дека веќе расте сиромаштијата во светот и дека се очекуваат тешки времиња во следните неколку години, а главната причина за тоа ја гледа во руската агресија врз Украина, која се прелева во целиот свет.

„Трошоците за одбрана се зголемуваат, што значи дека остануваат помалку пари за развој во земјите и помош за сиромашните земји“, рече Георгиева.

Според неа единствената добра страна на војната е фактот што Европа брзо се ослободи од зависноста од руската нафта и гас.

Поврзани новости