841
Кавадарци денес се разбуди со нови алармантни бројки на новозаболени од корона вирус. Дури десет нови пациенти, лица на возраст од 18 до 51 година. Ако вчерашната бројка од пет инфицирани лица, на кавадарчани им беше рекорд од почетокот на епидемијата, денешните десет случаи го вклучија црвеното светло.
Станува збор за три лица на 18 години, три лица на 19 години, и по едно лице на возраст од 30, 33, 38 и 51 година.
Три се жени, додека останатите седум се мажи.
-Ова е резултат на непочитувањето на мерките на заштита, на групирањето на младите, на дружењето во кафулињата. Многу од новите пациенти не знаат од кого се инфицирале, ситуацијата е сериозна. Од повозрасните лица, синот на еден пациент е веќе регистриран како позитивен, имаме позитивна матична лекарка, музичар… Но младите, генерално, не даваат податоци за контакти со инфицирани лица, креваат со рамениците и тврдат дека не знаат како го добиле вирусот – велат од Центар за јавно здравје Кавадарци.
Околу тоа дали новите пациенти можеби биле дел од предизборните политички кампањи и се движеле помеѓу повеќе народ, велат дека немаат информација. Сите новорегистрирани пациенти биле со благи симптоми, на домашно лекување. Имало голем број на лица од градот кои исто така чекале на земање на брис, поради пројавени симптоми.
По разлабавувањето на мерките во угостителските локали, во Кавадарци чести беа фотографиите и видео снимките на социјалните мрежи од разни забави, со жива музика, без одржување на дистанца.
Заштитни маски од страна на вработени во локалите, не само во Кавадарци, туку и во Неготино, веќе со недели наназад не се носат, или пак од страв поради евентуална контрола, се носат под брадата.
Лекари вработени во ЈЗУ Кавадарци за ,,Фокус” утринава велат дека оваа состојба била очекувана, со оглед на групирањата и атмосферата која била актуелна во локалите.
-По втора чашка алкохол, зборувајте им на деца од 18, 19 години, за социјална дистанца. Ова беше очекувано, се живее како да не сме среде пандемија, кафулињата се полни, се оди на дружење во викендички на Тиквешко Езеро, не се внимава воопшто. Според бројот на активни случаи го надминавме Велес, кој беше еден вид на жариште на вирусот. Таму сега има 21 активен случај, додека кај нас активни се 31 случај, а многу е веројатно дека оваа бројка ќе се зголемува. Мора да се стави ред помеѓу младината – појаснува лекар од ЈЗУ Кавадарци.
Уште пред десеттина дена и епидемиологот Ристе Јовановски од Кавадарци предупреди за разлабавените мерки и за групирањето на младите. Апелираше да се има поголема свест, посебно кај помладите генерации кои се редовни гости во локалите.
Вики Клинчарова