Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ го награди премиерот Димитар Ковачевски со статуетка за инфлуенсер на годината, вицепремиерот Бојан Маричиќ, е награден за турист на годината, а вицепремиерот Артан Груби за најдобар агент со недвижности. Перформасот на младите на ВМРО-ДПМНЕ се одигра на тротоар пред Владата.
„Можеби рафтовите со леб во маркетите се празни и народот нема со што да се прехрани, но една таква мала и неважна работа не смее да го засени фактот дека со само 26.000 евра, можат да се купат неколку стотина лајкови на Фејсбук. Наградата за инфлуенсер на годината, заминува кај премиерот Димитар Ковачевски – Таче, за најмногу пари инвестирани во развојот на културата на социјалните мрежи во Македонија. Наградата за турист на годината, оди кај вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој покажа дека дипломатијата е само споредна работа за еден светски патник како него“, велат од УМС.
Од таму објаснуваат за што е заслужен Груби.
„Во фокусот на секоја успешна држава, каква што е Македонија во последните неколку години, е да се изградат што поголем број на згради и станови. Наградата за најдобар агент со недвижности, заминува кај првиот вицепремиер Артан Груби, за неговите лик и дело, и усовршувањето на преговарачките техники кои му ги донесоа најдобрите цени и зделки“, додаваат од УМС.
Младите сили на ВМРО-ДПМНЕ го наградија Ковачески и за најдобар менаџер во полето на алтернативните извори на енергија.
„Семеен бизнис во тесна врска со коалициските партнери е она што и е потребно на Македонија за да обезбеди сигурна иднина“, посочуваат од таму.