Со нашиот лош пример не сме кадарни да ја воспитаме нашата младина, со што уште повеќе ја проблематизираме нашата иднина. Впрочем, треба да сме свесни дека младите се одраз, слика на своите родители
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
Некогаш херои беа Загор, Супермен, Бетмен, Дражен Петровиќ, Славниќ, Далипагиќ, Пикси, Џајиќ, Панчев, Рингов, Мик Џегер, Дејвид Боуви, Битлси. Се читаше Алан Форд, , Блек стена, Мандрак, Фантом, но и книгите на Асимов, Чеслав Милош, Орвел, Дејвид Морел…
Се чекавме пред Путник, Чичко Стоилко, излегувавме во Бони и Ани, Пирамида, Камел, Менада, Студио, Змија, Џубокс, Матиник, дискотеките Огниште, Мусандра, Турист.
Фиксните телефони имаа 5 бројки и бројчаници, кои создаваа неповторлив звук кога ќе го свртите бројот. Мобилни немаше, ниту интернет, Фејсбук, Инстаграм, но имавме време, се имавме себеси и своите другари, имавме свој став и мислење. Бевме среќни и нормални.
Дискутиравме за сѐ и сешто, реагиравме на неправда, размислувавме како нешто да подобриме, да создадеме со труд и работа, делевме со пријателите среќа, но и тага, софра и она што е на неа.
КОИ СЕ НОВИТЕ ХЕРОИ НА МЛАДИТЕ?
Денес младите генерации гледаат херои во корумпираните политичари, кои завршиле вечерно школо откако дошле на функција, криминалци кои со рекет и помош на политичарите дошле до пари, транзиционите тајкуни кои го обезвреднија сето она што вредеше.
Ги слушаат Цеца, Брена, Сузе, и многу други чие пеење личи на звуците што ги испушта мачка во февруари, а текстот е од типот „отишо си, сарму пробо ниси“ со неколку задолжителни зборчиња на кој се подигаат и рацете и гласот, кога полупијани ги пеат во кафеана од типот „проклета“, „судбина“, „туга“, „патња“, „црна жена“…
Не читаат ништо подолго од две скролања на мобилниот, дури и лектирите ги читаат на интернет во скратена верзија, а министерката со својот „умен“ предлог ќе ги упати комплетно на интернет-образование.
Младите повеќе не се чекаат никаде, затоа што не се дружат, а и кога заеднички понекогаш ќе излезат, тоа е прво сликање на присутните, па селфи, па софрата (не дај Боже, некој да почне да јаде пред документирање на масата), па потоа постирање на Инстаграм и на Фејсбук, па одговарање на коментарите и… Кафеаната се затвора, а тие не се ни виделе.
И во оние ретки ситуации кога и ќе промуабетат меѓусебно темите се кој каква кола вози, кој кого снимил додека орално бил задоволуван, кој лик како и колку украл, кој кого излажал и зезнал. Се натегнува кој знае која чаша по ред, пијано се станува и седнува во аудито, мечето или беемвето купени од тато. Се стиска папучата за гас до крај и се вози како да е на трката Ле Ман.
ЖИВЕЕЊЕ ВО ВИРТУЕЛЕН СВЕТ
Младите не живеат во реален свет, туку во светот на интернетот, Фејсбук, Инстаграм, во виртуелните пријателства и љубови, лајкови и коментари. Немаат свој став, ниту мислење, го добиваат, како и сѐ друго, инстант од блогерите и партиските лидери. Не размислуваат за иднината, ги носи стихија, не им е важно ништо, освен денешниот ден и колку пари ќе добијат од тато, бизнисменот, кого и не го гледаат.
Однесувањето на младите, нивната летаргија и незаинтересираност, површност и себичност не се резултат само на нивната младост, туку се во најголем дел резултат на пропаѓањето на семејните вредности, опаѓањето на моралните вредности и, воопшто, разнебитување на општеството , а за што сме сите ние возрасни виновни.
Дозволивме да ни се наметнат туѓи безвредности. Дозволивме да го разнебитиме сето она што е создавано со децении со мака и огромен труд. Го презедовме само најлошото од Западот, ги проколнавме и минимизиравме сите наши херои, сами ги распнавме нашите светци и ја фрливме и нашата историја и минато на буниште каде што други ја оценуваат, фабрикуваат и извитоперуваат.
Со самото тоа ја замагливме и иднината, која станува сѐ понеизвесна и загрижувачка. Ги затворивме очите пред неправдата, се свиткавме пред заканите, заборавивме кои сме и што сме, дозволувајќи неспособни, некадарни и нахални да доминираат, управуваат, крадат, да бидат над законот.
Не е ни чудо што со таквото наше однесување, со нашиот лош пример не сме кадарни да ја воспитаме нашата младина, со што уште повеќе ја проблематизираме нашата иднина. Впрочем треба да сме свесни дека младите се одраз, слика на своите родители.